Дарко Велковски за хрватските медиуми: Хрватска е втора на светот, ама Македонија е подобра!

Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски, по сите оние пехови со повредите, конечно одработува со Ријека вистински подготовки наметнувајќи се веќе интензивно за првиот тим во хрватскиот прволигаш.

Отворајќи ја душата во интервју за „24 часа“ за време на подготовките на тимот во Португалија, 23-годишниот Велковски вели дека негова амбиции во кариерата е преку настапите во Ријека еден ден да заврши во шпанската Ла Лига.

„Моја желба е да играм во кариерата во Шпанија. Се надевам дека ќе успеам во тоа“ – вели Велковски, кој негира дека некогаш бил блиску до договор со Динамо Загреб, и покрај тоа што се пишуваше на таа тема…

„Тоа беа повеќе шпекулации отколку вистина. Никогаш не бев ниту блиску до Динамо“.

А, за актуелната амбиција со Ријека да стигне до шампионската титула во Хрватска?

„Тоа реално е тешко ако се знае за квалитетите на Динамо Загреб. Тешко, но не и неможно. Динамо има и европски обврски, а ние сме навистина добри, квалитетни и во тимот владее одлична атмосфера. Што се однесува до мене лично, се уште ја градам самодовербата. За жал повредите откако пристигнав тука беа мое секојдневие, но сега се е зад мене. Нема страв од дуели. Против Волфсбург одиграв навистина лошо, со Сервет веќе беше подобро, но потребни ми се натпревари да се вратам во вистинската форма“ – вели Велковски, кој неизбежно одговара и на прашањето каде се игра подобар фудбал, во Македонија или во Хрватска…

„Вие сте втори на светот, но ние сме подобри“ – некако, очекувано повеќе на шега вели Велковски за „24 часа“.

Се вчитува...