Де Јонг сега се премисли, сака да игра за Манчестер Јунајтед

Френки де Јонг сериозно ја разгледува опцијата за летен трансфер во Манчестер Јунајтед, откако фудбалерот на Барселона минатото лето категорично одби да се пресели на „Олд Трафорд“ иако клубовите начелно го имаа договорено неговиот мегатрансфер.

Јунајтед беше подготвен да плати 85 милиони евра, сума што беше добредојдена за Барселона да ги намали огромните финансиски проблеми, но Де Јонг остана цврст на ставот да продолжи на „Камп Ноу“, барајќи си ги и парите од заостанатите плати од периодот на коронавирусот.

Една од причините беше и неизвесноста околу тоа во кој правец ќе се движи проектот на Манчестер Јунајтед под водство на Ерик тен Хаг. Сега веќе нема дилема на оваа тема, Тен Хаг го разбуди заспаниот џин, а фактот дека овој стратег имаше успешна соработка со Де Јонг во Ајакс само ги зголемува шансите за трансфер на Холанѓанецот следното лето.

Барселона повторно има сериозни финансиски проблеми и ќе мора да продаде неколку фудбалери за да може да регистрира нови засилувања. Де Јонг и Ансу Фати се играчите со најголема вредност на пазарот од кои каталонците се подготвени да се разделат ако стигне интересна понуда, па големи се шансите токму овој ас да биде главното засилување на Јунајтед за наредната сезона.

Се вчитува...