Де Лихт на операција на рамото, паузира до ноември

Јувентус доживеа неочекувано рана елиминација од Лигата на шампионите со што и официјално заврши сезоната за италијанскиот првак. По освоеното „скудето“, дојде разочарувањето во ЛШ, но фудбалерите ќе го добијат заслужениот одмор откако мораа да ја одработат чудната сезона која беше и привремено прекината поради глобалната пандемија на коронавирусот.

Холандскиот дефанзивец Матијс де Лихт најави дека конечно ќе замине на операција на рамото. Тој подолг период ја влече оваа повреда, но сакаше да ја истурка сезоната, а потоа да се оперира.

„Можеби не заслуживме да бидеме елиминирани од Лион, но таков е фудбалот. Шансата мислам дека ја испуштивме на првиот меч во Франција кога забележавме непријатен пораз од 1-0. Синоќа бевме подобри, но повторно имавме малер со пеналот на самиот старт. Потоа се трудевме, но не успеавме. Сега е време за одмор, а јас конечно ќе заминам и на операција на рамото“, изјави Де Лихт.

Весникот „Тутоспорт“ најави дека Холанѓанецот ќе паузира околу три месеци од терените по овој хируршки зафат, што значи дека новиот тренер Андреа Пирло ќе го нема Де Лихт на располагање се до ноември.

Се вчитува...