Дејан Блажевски пред промоција во дресот на Шкупи

Еден од најдобрите вардарови поединци од изминатава сезона Дејан Блажевски е пред договор за трансфер во прволигашот од Чаир, екипата на Шкупи.

Како што дознава ЕКИПА, 32-годишниот Блажевски има понуда од Шкупи која не може да ја одбие па наредниве денови се очекува и официјален договор меѓу двете страни за соработка во следната сезона. Блажевски, на кого во јуни му завршува договорот со Вардар, и дефинитивно заминува од црвено-црните редови. За него интерес постои и од страна на новиот прволигаш Беласица, но далеку повисоката финансиска понуда од Шкупи се очекува да пресуди за трансфер во тимот од Чаир.

Шкупи со Блажевски сака да го засили тимот за европските настапи летово на кои се надеваат чаирчани, доколку Шкендија успее да го освои и Купот на Македонија сезонава.

Дејан Блажевски од 2015 година беше дел од Вардар. Еден е од девет вардарови првотимци кои ова лето го напуштаат клубот. Договорите завршија и за Глигоров, Грнчаров, Марковиќ и Хамбарџумјан, а си одат и Велковски, Стојчевски. Интерес од неколку европски екипи има и за ерменскиот репрезентативец Тигран Барсегјан, кој исто така е желба и на Шкупи.

Блажевски претходно во својата кариера има настапи и за домашните Пелистер и Хоризонт Турново, како и за грчките Агротикос, Вериа и Пиреикос.

Се вчитува...