Ентони Дејвис ги израдува навивачите на ЛА Лејкерс, најавувајќи дека е подготвен да потпише нов долгогодишен договор со тимот со кој стигна до својот прв шампионски прстен во кариерата. Одличниот центар беше меѓу најзаслужните за титулата на „езерџиите“, но навивачите стравуваа дека тој ќе си замине на крајот од сезонава.
Дејвис објавил дека ќе ја искористи клаузулата што му овозможува да си замине пред последната година од договорот со ЛА Лејкерс (во која ќе заработеше 28,8 милиони долари), но ќе го стори тоа само за да се договори за подолгорочна соработка со овој клуб. Американските медиуми најавуваат дека двете страни се согласни дека подобро ќе биде Дејвис да потпише нов договор на четири години, отколку сега да остане во клубот, па следното лето да се вжешти трката за негов ангажман.
Со потписот на новиот договор Дејвис би заработил 32,7 милиони долари во наредната сезона, сума што дополнително ќе расте во наредните три години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА