Дејвис незапирлив за Вашингтон, доминација на Бостон

Лос Анџелес лејкерс ја забележа и втората победа за два дена откако „езерџиите“ славеа со 120-125 на гостувањето против Вашингтон. Овој триумф им помогна на лејкерси да се зацврстат на место кое води во плејин доигрувањето, но нема дилема дека Леброн Џејмс, Дејвис и останатите ќе се обидат до крајот на регуларниот дел од сезонава да стигнат и до шестото место во Западната конференција, кое значи директно учество во плејофот (моментно имаат два пораза повеќе од шестопласираниот Њу Орлеанс).

Дејвис доминираше на синоќешниот дуел со Вашингтон стигнувајќи до импресивен дабл-дабл од 35 поени и 18 скокови, додека Леброн Џејмс реализираше 25 поени надополнети со седум скокови и девет асистенции. Пул беше најефикасен кај Вашингтон со 29 поени, додека Тристан Вукчевиќ одигра уште еден одличен меч по доаѓањето во НБА постигнувајќи 15 поени за поразениот тим.

Бостон уште еднаш покажа зошто е најдобар тим во НБА во моментов декласирајќи го составот на Оклахома Сити со 135-100. Гостите одржуваа чекор во првите три четвртини, но потоа во последните 12 минути можеше да се проследи апсолутна доминација на кошаркарите на Бостон, кои ја добија четвртата четвртина со 42-17 и славеа со конечни „плус 35“. Порзингис ги предводеше стрелците со 27 поени, Тејтум реализираше 24, а Браун 23 за победничката екипа.

Милвоки  беше непријатно изненаден на домашен терен, губејќи од Мемфис гризлис со 101-111. Дуелот беше израмнет се до последната четвртина што гостинскиот состав ја доби со 23-32 и стигна до голема победа. Џексон со 35 поени беше најзаслужен за големиот триумф на „гризлите“, Лопез со 25 поени беше прв стрелец на Милвоки, додека Адетокумбо имаше скромни за негови стандарди 21 поен и седум скокови.

Резултати НБА:

Шарлот – Портланд 86-89, Вашингтон – ЛА Лејкерс 120-125, Атланта – Детроит 121-113, Бостон – Оклахома Сити 135-100, Бруклин – Индијана 115-111, Милвоки – Мемфис 101-111, Минесота – Торонто 133-85, Њу Орлеанс – Орландо 108-117, Феникс – Кливленд 122-101.

Се вчитува...