Демир: Посакувам да го вратиме оној победнички дух кој го имаше претходната млада генерација

Младата репрезентација на Македонија против Русија утре на тренинг центарот „Петар Милошевски“ посакува нов лист во квалификацискиот циклус.

Желбата на Благоја Милевски и неговите избраници е да се заборават претходните изданија и порази низ квалификациите, и во едно ново лице да се продолжат настапите во квалификациите за ЕП и покрај тоа што пред нас имаме повеќе од тежок противник.

„Се што било во овие квалификации досега оставаме зад нас. Сега навистина добро се подготвувавме верувајќи дека можеме да донесеме нов дух во младата селекција во продолжението од циклусот. Да го вратиме оној победнички дух кој го имаше претходната генерација. Добро знаеме дека Русија е повеќе од тежок противник но ние се фокусираме само на тоа максимално да ги исполниме сите задачи од селекторот, да одиграме ангажирано и да се обидеме да го изненадиме фаворитот“ – вели крилниот офанзивец Бенјамин Демир, кој во вториот дел од домашниот шампионат игра во извонредна форма во дресот на Скопје.

Токму формата во која игра пролетва го врати Демир во младата селекција, сега како еден од носечките фудбалери во нашата офанзива…

„Доколку добијам шанса секако ќе се обидам да ја оправдам довербата на селекторот. Но, да бидеме искрени за добар резултат секако ќе ни биде неопходна и поддршката од навивачите кои посакувам во што поголем број да не бодрат на утрешниот натпревар“ – вели Демир.

Македонската селекција денеска ќе го има последниот тренинг, пред утрешниот квалификациски дуел кој се игра со почеток од 14 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Се вчитува...