Ден „Д“ – За кого? За Македонија!

Македонската „експедиција“ во Перм ја надмина првата пречка за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во 2022 година со победа на Италија, натпревар во кој избраниците на Тодоров го покажаа карактерот од првиот дуел на „балонот“ против Италијанците, за разлика од бледото лице кое ја отслика средбата против Русија.

Истиот рецепт, „Кога е најтешко, да бидеме најдобри“ нека биде применет и денеска од 15 часот против Естонија, натпревар кој ќе ја одлучи судбината на македонската кошарка во наредните години. Македонија има квалитет да докаже дека поразот од девет разлика во Скопје против Естонците беше само лош ден, но во ера кога секоја репрезентација во Европа игра кошарка, „црвено-жолтите“ мораат да бидат на врвот на својата задача, поготово со оглед на фактот дека мораме да ја добиеме средбата со двоцифрена предност.

„Денеска треба да дадеме максимум од нашите можности, дури и повеќе од тоа. Сакаме да дојдеме до нашата цел во овие квалификации, а тоа е пласман на Европско првенство. Нема да ни биде лесно, особено ако се знае дека Дамјан и Нено имаат проблеми со повредите. Но, ако играме како во второто полувреме од средбата со Италија, мислам дека ќе бидеме на добар пат и да ја реализираме“ – изјави Андреј Магдевски кој беше еден од најзаслужните за победата над „Азурите“.

Влогот за денешниот натпревар е голем, а мотивацијата треба да биде преголема. Естонците на оваа средба ќе настапат со нешто „по свеж“ состав од нашиот со оглед на тоа дека натпреварот против Русија го „преседеа“ дел од кличните играчи, но кога станува збор за националниот дрес мора секогаш да се оди на „се или ништо“.

Пех за Македонија ќе биде повредата на Нено Димитијевиќ, кој според првичните најави требаше да го пропушти клучниот меч, но бекот на Хувентуд е меѓу дванаесетмината кои ќе застанат гордо на паркетот, а колкава ќе биде неговата минутажа останува да видиме. Неговото отсуство мора да биде заменето со подобра игра во рекетот на противникот, каде имаме искусни играчи кои можат да одговорат на предизвикот и да се носат со естонските кошаркари. Момци со среќа и одиме на победа. За кого?! ЗА МАКЕДОНИЈА!

Се вчитува...