Ден за дерби – може ли МЗТ да ја запре серијата на Работнички?

Работнички делува недопирливо во досегашниот дел од сезонава, бележејќи 18 победи во досегашните 18 кола, а тимот со најголеми шанси да ја прекине оваа фантастична серија на „црвено-белите“ е актуелниот шампион МЗТ Скопје. „Металците“ сезонава веќе еднаш го совладаа градскиот ривал, во финалето од Купот на Македонија, па затоа интересно ќе биде да се види како ќе мине денешното дерби во „Градски парк“ (18 часот).

Исходот нема преголемо влијание на табелата со оглед на фактот дека Работнички веќе има огромна предност во однос на МЗТ Скопје, но јасно е дека мотив нема да недостига ниту кај домаќините, ниту кај гостите, кои во овој дуел гледаат идеална можност за рехабилитација по очајната сезона во АБА-лигата.

„Воопшто нема да ни биде лесно вечерва, без разлика што го совладавме Работнички во последниот дуел. Гостувањата во ‘Градски парк’ секогаш се приказна за себе, таму противникот секогаш дава повеќе, за што говори и неприкосновениот скор сезонава. Мотивираноста дефинитивно не изостанува, сакаме да победиме и веруваме дека ако одиграме максимално квалитетно и според зацртаниот план ќе можеме да дојдеме до целта“, истакнува капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски.

На спротивната страна, Работнички е убедливо прв на табелата, но поразот во куп-финалето е дополнителен мотив за избраниците на Докузовски да ја добијат денешната битка со аеродромци.

„Добро познато е ривалството меѓу овие две екипи, свесни сме дека нема да биде нималку лесно, но ќе сториме се за да стигнеме до победата. Оној пораз во Кавадарци во Купот на Македонија го оставивме зад нас, напорно работиме во изминатите денови, добро го анализиравме противникот и едвај чекаме да почне натпреварот. Ако не ги повториме грешките од тоа финале, верувам дека ќе успееме да стигнеме до победата и да им донесеме радост на нашите навивачи“ – изјави центарот на Работнички, Кире Николовски.

Се вчитува...