Денеска е „Денот Д“ за Интер и Конте, Алегри чека повик

Антонио Конте ги брои последните часови како тренер на Интер во пресрет на состанокот што стратегот на „нероаѕурите“ ќе го има со највисокото раководство на клубот. Конфликтот на релација тренер – директори трае со месеци, а проблем за Конте е што претседателот Жанг, кој ќе го има последниот збор, ја има заземено страната на Марота и на Аусилио, поради што се очекува состанокот да не трае премногу долго и да заврши со тренерска смена во Интер.

Конте инсистирал средбата да биде во четири очи, одбивајќи на неа да присуствува и Марота, иако станува збор за човек кој е најзаслужен што овој стручњак воопшто дојде во Интер и што доби рекордна плата за италијанскиот фудбал. Според италијанските медиуми, тренерот ќе бара да добие и „менаџерски овластувања“, да има поголема улога во трансферите на клубот, нешто на што кинеските газди нема да се согласат.

Единствената дилема е како ќе дојде до разделба, ако следи отказ од Интер тоа ќе значи и отпремнина од околу 30 милиони евра, а Конте сигурно нема самиот да си поднесе оставка и да се откаже од овие пари. Се очекува двете страни да се најдат „ на пола пат“, па Конте да добие плата за период од една година (околу 12 милиони евра).

Нема дилеми ниту кој ќе биде наследникот на Конте доколку се случи најавуваната разделба. Станува збор за Масимилијано Алегри, кој во изминатиот период имал контакт со двајцата директори кои се во војна со Конте, прифаќајќи ги условите за соработка. Алегри го наследи Конте и во Јувентус, освојувајќи неколку скудета во серија, а „нероаѕурите“ се надеваат дека овој стручњак ќе има слични резултати и на „Џузепе Меаца“.

Се вчитува...