Денеска на СП: „Фуријата“ на мегдан со Хрватска

Се е подготвено за четирите фантастични ракометни битки кои ќе се одржат вечерва во различни градови ширум Франција и ќе ги дадат имињата на полуфиналистите на ова Светско Првенство. Откако Катар и Унгарија приредија сензации во претходната рунда стана јасно дека фаворитските улоги не значат буквално ништо на мундијалот, па сега Шведска ќе се обиде да го земе скалпот на домаќинот.

НОРВЕШКА – УНГАРИЈА   17 часот, Албервил

Норвешка и Унгарија се сретнале пет пати на ракометните мундијали, но ниту еднаш во нокаут фазата. По првиот триумф во 1958 година, Норвежаните ги загубија последните четири дуели со денешниот ривал, последниот во 2011 година со 26-23. Унгарците влегуваат во натпреварот носени на крилјата на фантастичниот триумф над Данска во осминафиналето, додека Норвешка премногу лесно ја совлада Македонија на саботниот дуел во Албервил.

За Норвежаните ова е прво мундијалско четвртфинале во историјата, откако лани стигнаа до полуфиналето на ЕП во Полска.

ФРАНЦИЈА – ШВЕДСКА    19 часот, Лил

Нов натпревар што ќе се игра на стадионот во Лил пред фанатични 28.000 ракометни фанови. Последните пет натпревари меѓу овие два тима завршија со максимум три гола разлика, а на претходниот мундијал во Катар „триколорите“ славеа со 27-25. Во последните дваесет години Франција има осум, а Шведска шест победи во меѓусебните дуели на овие две ракометни нации.

Karabatic

ШПАНИЈА – ХРВАТСКА    20.45 часот, Монпелје

Ова барем на хартија би требало да биде најквалитетниот и најнеизвесниот од четирите денешни дуели. Шампионот од 2003 година – Хрватска, се среќава со првакот од 2005 и 2013 година – Шпанија, во битка за билет за Париз. Овие две репрезентации лани играа во полуфиналето од ЕП во Краков, меч што заврши со триумф на Шпанија од 33-29. Две години претходно, Шпанците стигнаа до бронзата на ЕП во Данска откако во „малото финале“ ја совладаа Хрватска со 29-28.

„Црвената фурија“ е една од двете селекции (заедно со Франција) со максимални шест победи во досегашниот дел од мундијалот.

СЛОВЕНИЈА – КАТАР  20.45ч, Париз

Катарците на отворањето од претходниот мундијал ја совладаа Словенија со 31-29. Рафаел Капоте, кој постигна 12 погодоци на овој натпревар, и вечерва ќе биде главен адут на селекторот Ривера. Веселин Вујовиќ е еден од двајцата селектори на овој мундијал кои станале светски прваци како ракометари (заедно со Дидие Динар од Франција).

Катарците го приредија најголемото изненадување во осминафиналните пресметки, елиминирајќи го европскиот првак Германија.

Се вчитува...