Денеска се решава најголемиот преседан во фудбалот – Кој ќе биде африкански шампион

Вниманието на фудбалскиот свет е насочено кон Лозана, каде што Судот за спортска арбитража (ЦАС) ќе одржи сослушување по жалбата на Фудбалскиот сојуз на Сенегал против одлуката да му се одземе титулата од Африканскиот куп на нации во 2026 година.

Овој случај се заканува да постави еден од најважните правни преседани во модерниот африкански и светски фудбал, имајќи ги предвид настаните без преседан од драматичниот финален натпревар. Финалниот натпревар меѓу Сенегал и домаќинот Мароко, одигран на 18 јануари 2026 година, беше одбележан со голем скандал.

Фудбалската репрезентација на Сенегал го напушти теренот во траење од 17 минути во знак на протест поради поништениот гол и контроверзната одлука на ВАР во судиското надополнување. Иако играчите подоцна се вратија на теренот и успеаја да победат со 1-0 по продолженијата, следуваше студен туш.

На 17 март, Жалбената комисија на Конфедерацијата на африканскиот фудбал (ЦАФ) пресуди дека Сенегал направил официјален прекршок со напуштањето на теренот и практично се откажал од натпреварот, со што административно им ги додели трофејот и победата од 3-0 на Мароко.

Фудбалскиот сојуз на Сенегал најави правна битка и побара интервенција од независно тело. Судот за спортска арбитража (ЦАС) потврди дека сослушувањето ќе се одржи зад затворени врати во Лозана и дека конечната одлука и пресудата нема да бидат објавени на самиот ден на сослушувањето.

Фудбалскиот свет со нетрпение го очекува епилогот што би можел радикално да ја промени судбината на континенталниот трофеј.

Се вчитува...