Денковски: Брегалница може да ја изненади Шкендија во Тетово

По паузата поради настапите на националните тимови, Брегалница повторно се враќа на прволигашките активности со утрешното гостување против Шкендија во 14. коло од ПМФЛ.

Сосема е јасно дека составот на Марјан Секуловски го очекува повеќе од тешко гостување во Тетово. Но, по претходните позитивни изданија факт е дека низ позитивна атмосфера се очекува и предизвикот наречен Шкендија.

Младинскиот репрезентативец, незаменливиот на голот во националниот тим Давид Денковски сега се фокусира на клупските активности нагласувајќи дека е подготвен и повеќе од мотивиран за утрешниот натпревар.

„Сигурно дека сме и подготвени и мотивирани за пресметката со тим како Шкендија. Мислам дека повторно ќе се надигруваме на терен со тетовци, како што беше тоа во првиот меѓусебен дуел оваа сезона кога ремизиравме, 3-3. Знам дека не очекува квалитетен противник, актуелен шампион на Македонија кој е фаворит пред натпреварот посебно и затоа што игра на домашен терен. Но, секако ние сме свесни и за нашите можности па желбата е секако од Тетово да се вратиме со позитивен резултат“ – вели Денковски.

Натпреварот меѓу Шкендија и Брегалница утре на Градскиот стадион во Тетово се игра со почеток од 13 часот.

Се вчитува...