Денвер победува и кога Јокиќ дава само осум поени, шампионот Голден Стејт е во криза

Денвер лесно и убедливо славеше на гостувањето против Чикаго со 103-126, дуел на кој Никола Јокиќ немаше свој ден кога станува збор за полнење на противничкиот кош. Српскиот центар го заврши натпреварот со само осум поени, но затоа имаше и дури 14 асистенции, одлично разигрувајќи го остатокот од тимот. Портер со 31 и Мареј со 23 поени беа најефикасни во таборот на Денвер, додека Лавајн со 21 поен беше прв сстрелец на Чикаго.

Шампионот Голден Стејт се наоѓа во сериозна криза откако „воините“ загубија на гостувањето против Сакрамнто со 122-115. Ова беше трети пораз на Голден Стејт во последните пет меча, во досегашните 13 средби актуелниот првак има очаен скор 5-8 и се наоѓа на тринаесеттото место во Западната Конференција. Кари имаше 27 поени за Голден Стејт, но „воините“ не најдоа начин да го запрат феноменалниот Домантас Сабонис, кој реализираше 26 поени, 22 скокови и осум асистенции.

Лос Анџелес Лејкерс ја прекинаа серијата слаби игри со триумф на домашен терен над Бруклин од 116-103. Дејвис беше играч на натпреварот во таборот на лејкерси со 37 поени и 18 скокови, додека на Бруклин не му помогна ниту одличното издание на Дурант, кој го заврши мечот со 31 поен, девет скокови и седум асистенции.

Резултати НБА:

Њујорк – Оклахома 135-145, Кливленд – Минесота 124-129, Вашингтон – Мемфис 102-92, Филаделфија – Јута 105-98, Чикаго – Денвер 103-126, Сакраменто – Голден Стејт 122-115, ЛА Лејкерс – Бруклин 116-103.

Се вчитува...