Дерби без „Комити“ и без „Чкембари“ – „џабе“ фудбал!

Навивачите се неизбежен дел од целината наречена фудбалска претстава. Без нив тешко и дека може да има фудбал. Така е насекаде низ светот, ама не баш и кај нас.

На 9. април – утврден како ден на фудбалот во Македонија, кога во 1909 година за првпат се одиграл еден фудбалски натпревар на наше тло, најголемата дерби пресметка која во историјата воопшто ја познава македонскиот фудбал меѓу Вардар и Пелистер ќе мине без поддршка од двете најголеми навивачки групи „Комитите“ и „Чкембарите“, кои на некој начин се всушност и најголемиот заштитен знак на скопско-битолскиот ривалитет.

Но, денеска од 16 часот на „Телеком арената“ во рамките на 26. коло од Првата македонска фудбалска лига, за првпат во историјата дербито меѓу Вардар и Пелистер ќе се игра без двете навивачки групи. Доколку нешто не се промени непосредно пред дуелот, „Комити“ најавија дека нема да присуствуваат на натпреварите на Вардар поради недоразбирања со раководството на клубот, и забраната да бидат сместени на нивната Западна трибина. За „Чкембари“, пак, поради реновирањето на нашиот најголем стадион е забрането доаѓање на арената…

„Овој однос кон навивачките групи не е ниту најмалку случаен. Со години институциите, со поддршка од спортските федерации и клубовите, се обидуваат да го намалат и тотално да го уништат навивачкото движење. И успеваат во тоа… Ако некому одговара да играат без публика, слободно нека играат… А, од друга страна се повикува за присуство на трибини. Но, сето тоа е само маска“ – велат од двете навивачки групи.

Вардар сезонава, како никогаш досега во историјата па дури и во сезони кога очајно се бореше за опстанок, има очајна посета на своите натпревари… Ниту големите дерби натпревари не претставуваат магнет за привлекување публика на „Телеком арената“. Па, уште кога на сето тоа ќе се избришат и „Комитите“ – џабе фудбал.

pelister - vardar

Па, денеска од 16 часот за двата тима останува сами за себе да го „билдаат“ ривалитетот на терен. За Вардар мотив е битката за шампионската титула и неопходноста на секој бод, за Пелистер, пак, конечно да влезе во посакуваниот ритам во битката за третата позиција која води во Европа.

Вардар и Пелистер досега имаат одиграни 45 меѓусебни натпревари, од кои „вардарци“ запишале 27 победи, седум пати триумфирал Пелистер а 11 натпревари завршиле без победник.

Вардар е во серија од десет натпревари без пораз од Пелистер ,со скор од шест победи и четири нерешени резултати. Последен пат Пелистер во Скопје триумфирал во 2013 година. На последните седум меча „црвено-црните“ постигнувале барем по еден гол во дуелите со утрешниот противник.

Во Вардар, интересно, има пет играчи кои што во минатото го ноеселе дресот на Пелистер, Томе Пачовски, Владица Брдаровски, Благоја Љамчевски и Стефан Спировски кои и се родени во Битола, а дресот на битолскиот тим во минатото го носеше и Дејан Блажевски. Од друга страна, во редовите на Пелистер има бројни „вардарци“ од минатото како Раденко Бојовиќ, Филип Петров, Антонио Бујчевски, Боби Божиновски, Мартин Блажевски и Гоце Тодоровски.

Се вчитува...