Дерби пред празни трибини во Аеродром: Може ли Работнички да ја искористи кризата на МЗТ?

МЗТ Скопје и Работнички денеска во 17.30 часот ќе излезат на мегдан во празната сала „Јане Сандански“, играјќи го 151. вечно дерби без гледачи, поради препораките за заштита од ширење на коронавирусот. „Металците“ како актуелни шампиони ја имаат фаворитската улога, меѓу другото и ако се земе во предвид фактот дека првото вечно дерби во „Градски Парк“ го добија со убедливи 68-93.

„Во моментов Работнички можеби има најкомплетен и најискусен состав во нашата лига, а и играат се подобро. Ова нема да биде дерби како останатите, бидејќи ќе биде одиграно пред празни трибини. На овој меч нивна најголема предност ќе биде тоа што имаа три недели да се подготвуваат за овие 40.минути, наспроти нас, кои за тоа имаме само еден ден. Но, нема да ’плачеме’, играме дома, и очекувам сосема различна спремност за борба на нашиот тим за разлика од онаа од пред два дена. Очекувам секој играч кој ќе влезе во игра да се бори максимално, за секој сантиметар од паркетот“,  изјави стратегот на „сино-белите“, Ѓорѓи Кочов.

МЗТ игра многу слабо во АБА2-лигата, каде нанижа четири порази на последните четири средби, а Работгнички ќе се обиде да ја продлабочи кризата на вечниот ривал.

„Жалам што натпреварот ќе се одигра без присуство на публика. Спортот е тоа, забава за народот, се игра поради публиката. Меѓутоа, таква е ситуацијата и ние не можеме ништо против тоа. Имавме една подолга пауза од која, за жал, не извлековме некоја голема корист. Имавме неколку повредени играчи, и мака мачевме со бројот на играчи способни за тренинг. Меѓутоа, очекувам сите да стиснат заби за денешниот натпревар бидејќи сите добро знаеме што значи да се игра против МЗТ Скопје. Имаме и нов играч кој полека се вклопува во тимот. и како одминува времето очекувам да бидеме се подобри. МЗТ Скопје е многу квалитетен тим и за да победиме мора да одиграме многу квалитетен натпревар, и во одбраната и во нападот. И тие имаат некои играчки промени, а и покрај поразот од Динамик, тие се во еден понатпреварувачки ритам во однос на нас“, истакна тренерот на Работнички, Димитар Мираковски.

Ова ќе биде 151. дуел меѓу големите скопски ривали, а Работнички е подобар во севкупниот скор, со 89 победи наспроти 61 триумф на МЗТ Скопје. Сепак, „металците“ се наоѓаат во серија од четири победи на овие пресметки, трите во ланското финале од плејофот и првата овосезонска во „Градски Парк“.

Се вчитува...