Дерби за крај на Првата лига, Фени доаѓа во „Градски парк“

Со средбите од денешното 14. коло и официјално ќе биде завршено натпреварувањето во Првата лига во кошарка. Според пропозициите, првите четири екипи на табелата заедно со МЗТ Скопје и со Карпош соколи ќе се натпреваруваат во Супер-лигата, додека четирите екипи од долниот дел на табелата ќе разигруваат меѓу себе во плејаут натпреварувањето. Со оглед на изгледот на табелата, дилеми нема, во битка за највисок пласман ќе водат Работнички, Фени индустри, Куманово и Кожув, додека во плејаут лигата ќе учествуваат Охрид, Струмица, Пелистер и Вардар.

Последното прволигашко коло носи и дерби пресметка меѓу двата најдобри тима во досегашниот дел од сезоната, Работнички и Фени индустри, кои во изминатите тринаесет кола имаат идентичен скор од единаесет победи и два порази. Работнички славеше на првиот меч во Кавадарци, па тимот на Марин Докузовски ќе се обиде вечерва да потврди дека е поквалитетен тим од кавадарчани, чија форма се движи во нагорна линија во последните неколку месеци.

Проблем за Докузовски е што тимот не тренираше со полна пареа поради техничките проблеми во салата „Градски парк“, па останува да се види во какво издание ќе се покажат „црвено-белите“ против тимот кој ќе им биде сериозен ривал и во Супер-лигата.

Двојки за 14. коло:

Вардар – Охрид  (17 часот), Струмица – Куманово (18 часот), Кожув – Пелистер (18 часот), Работнички – Фени индустри (18 часот).

Се вчитува...