Дерби за паметење во АБА: Партизан од -20 до +11 за луда победа против Црвена Звезда

Српското вечно дерби во 21. коло од АБА лигата донесе вистински спектакл во преполната „Штарк“ арена во Белград каде Партизан успеа да се радува на победа од 92-71 по неверојатен камбек од негатива од 20 поени.

Црвена Звезда на крилја на фантастичниот Факундо Кампацо доминираше во првото полувреме во кое „црвено-белите“ во неколку наврати имаа и водство од по 20 поени. Во еден момент на семафорот стоеше резултат 28-48, а од тој момент иницијативата ја превзема Партизан.

„Црно-белите“ до полувремето успеаја да намалат на 34-48, а продолжија во ист ритам и во второто полувреме. Прераниот крај на натпреварот за Кампацо поради пет лични грешки, како и отсуството на Недовиќ кој ги преседе вторите 20. минути на клупата создаде проблеми во организацијата на играта на Црвена Звезда, а мотивираните домашни кошаркари поведени од одличната атмосфера од минута во минута ја топеа негативата.

Со серијата од 5-0 во самиот финиш на третата четвртина Партизан стигна до натпревар на еден посед (63-65), а во последните десет минути не само што го превзема водството, туку успеа да стигне и до двоцифрена предност (87-75) и истата да ја задржи за голема победа.

Со 27 поени и 8 скока Лесор беше лидер на Партизан, додека него го следеше Ледеј со 17 поени и 3 скока. 21 поен и 5 асистенции за Црвена Звезда реализираше Кампацо, а 17 поени додаде Митровиќ.

Се вчитува...