Феникс 2010 и Бојан Трајковски ја продолжија соработката до 2025 година, објави скопскиот клуб. Минатогодишниот дебитант во првенството беше сензација на сезоната, со помош на искусниот поранешен репрезентативец успеа да стигне до Суперлигата, а продолжи во ист ритам и оваа сезона.
„Виолетово-жолтите“ се на победа до јубилејниот десетти триумф во првенството, а со тоа и на добар пат да се изборат за место во плеј-офот. Склопот од младост и искусниот Трајковски кој предводи со просек од 20.3 поени, 9.4 скока и 4.4 асистенции функционира одлично па задоволството од продолжување на соработката не го криеше ниту првиот човек на клубот, тренерот Денис Дервишевиќ.
„Од првиот ден кога е формиран клубот целта е низ еден долг процес да се извлечат млади кошаркари кои ќе прераснат во сениори и ќе прават разлика. Последните две сезони се доказ на макотрпната работа која трае повеќе од една деценија. Ги имавме Андреј, Амар и Марин како големи таленти и претходната сезона и со нив успеавме да победиме и тимови како МЗТ, но ни фалаше тој некој кој ќе им даде кураж за чекор повеќе и не само за оваа сезона, туку за се што ги чека во иднина. Ако тоа не е Боки Трајковски јас стварно не знам кој може да биде.
Не треба да зборам многу за неговата класа. Секој кој што знае и следи кошарка го знае и Боки и знае што тој претставува. Задоволство е да го имате во тимот, а уште повеќе покрај овие млади играчи од кои ни зависи иднината на македонската кошарка. Сите инволиврани во Феникс и Трајковски сме тие кои се бориме и работиме на тоа да ја вратиме македонската кошарка таму каде што припаѓа. Луѓето треба да го препознаат тоа. Најдоброто допрва доаѓа“, изјави за ЕКИПА, Дервишевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА