Десет години Ф4 во Келн – тројца „вардарци“ во избраното друштво

Овогодинешниот завршен турнир ќе биде јубилеен десетти фајналфор што се одржува во Келн, а интересно е што дури дванаесет ракометни легенди кои на 1 јуни ќе бидат дел од спектаклот во „Ланксес арена“ можат да се пофалат дека учествувале и во првиот и во десетиот Ф4 турнир од ЛШ.

Од тие дванаесетмина, дури тројца се „вардарци“, и тоа Тимур Дибиров и Шишкарев, кои во 2010 година го носеа дресот на Чеховски медведи, како и тренерот Роберто Гарсија Парондо, кој во тоа време настапуваше како играч за Сиудад Реал.

Покрај тројцата членови на Вардар, дел од ова избрано друштво се и Наѓ, Виктор Томас, Агинагалде, Штербик, Палмарсон, Момир Илиќ, потоа Давид Дејвис кој исто како и Парондо тогаш играше за Сиудад Реал, како и тренерите Чави Пасквал и Талант Душебајев.

За потсетување, во полуфиналните пресметки од првиот Ф4 турнир во Келн се сретнаа Барселона – Чеховски Медведи (34-27) и Кил – Сиудад Реал (29-27). Во големото финале Кил ја совлада Барса со 36-34, а за МВП беше избран Филип Јиха.

Се вчитува...