Десет млади ракометари од Македонија – гости на Борко Ристовски во кампот на Барселона

Голманот на македонската репрезентација Борко Ристовски, на десет млади ракометари од Македонија им овозможи бесплатно да учествуваат во ракометниот камп на Барселона што ќе се одржи од 28 јуни до 3 јули во Омиш, Хрватска. Ристовски кој во изминатите две сезони настапуваше за Барселона, е носител на лиценцата за организација на првиот ракометен камп под покровителство на европскиот гигант. Заедно со неговиот хрватски партнер, компанијата „Handball International“, првото издание на кампот ќе биде на добро проверен терен во Омиш, а во првата година на кампот ќе учествуваат 100 деца и млади ракометари на возраст од 10 до 17 години од цела Европа.

И покрај големиот интерес годинава решивме да го лимитираме бројот на 100 деца од едноставна причина што ова е наше прво издание на кампот со лиценца на Барселона и не сакаме да има никакви пропусти во организацијаат. За следната година вече имаме договор на кампот да земат учество околу 1.500 деца во неколку смени. За годинава пријавени регуларно има околу 13-14 деца од Македонија што е една солидна бројка со оглед на тоа што го нуди кампот на Барселона кој е на малку повисоко ниво и за наши стандарди, цената е малку повисока и што се одржува во Хрватска за што се потребни повеќе средства. Бев изненаден и мене лично посебно ме радува што се пријавија толку многу деца и што има таков интерес за кампот овде во Македонија. Јас уште од почетокот најавив дека за сите деца од Македонија на кампот ќе има посебен попуст  кој што максимум ќе можам да го издејствувам од Барселона како нивна делумна помош за кампот“ – истакнува Борко Ристовски.

Сепак, со негова заложба искористена е и можноста на кампот на Барселона како гости да учествувата уште неколку млади ракометари од Македонија.

Ме радува што уште првата година на кампот се пријавија толку деца од Македонија. И посебно ме радува што таа бројка сега ќе биде поголема бидејќи по потпишувањето на договорот  со една европска фондација која изрази желба да го поддржува нашиот камп и да откупи одреден број на места, се отвори можност на моја препорака, да дојдат и овие десет деца гратис како наши гости. Кога веќе се откупени местата сакав тие да бидат пополнети со што повеќе деца од Македонија. Тоа се деца кои веќе тренираат ракомет и неколку деца од ранливи социјални семејства кои не се во можност финаниски да ги покријат трошоците. Тоа е само мала помош за децата кои го сакаат ракометот и на кои ќе им овозможиме да добијат едно малку поинакво искуство и да поминат неколку дена со големи тренери и со дел од ракометарите на Барселона. Се надевам дека следната година ќе ја продолжиме соработката со истата фондација и ќе успееме дел од децата да дојдат повторно на кампот“ – истакнува Ристовски.

Таа мала помош од Барселона и од македонскиот голман, за децата и за нивните родители значи голема радост и благодарност што некој мисли на нив. Денеска Борко Ристовски се сретна со дел од родителите за да ги договорат деталите околу пријавувањето и учеството на кампот, тие не ја криеја радоста и благодарноста.

„Не знаете каква радост беше тоа за децата, цела ноќ не спијат од возбуда. Некој прави нешто големо за нив. Тоа ретко ни се случува. На Борко ќе му бидеме цел живот благодарни“ – со возбуда велат родителите на децата кои тренираат во младинските категории на РК Аеродром.

А, целата оваа акција реализирана е помалку случајно…

Ја гледавме апликацијата на Барселона, беше многу актуелно кога се појави веста за кампот, но финансиски не можевме да го поднесеме сето тоа. За жал знаете како функционираат малите клубови кај нас и колкави се се трошоците за членарини, котизации…Јас работам овде во „Александар Палас“ и го знам Борко од собирите со репрезентацијата кога престојуваат тука. Го прашав, ми рече ќе види што може да помогне. И, пред некој ден, токму на собирот на репрезентацијата, ме викна да ми кажа дека работата е завршена, дека може да аплицираме, ќе ни помогне и на десет деца ќе им овозможи да одат на кампот. Како родители немаме можност да им го овозможиме тоа на нашите деца бидејќи претходно ќе учествуваат и на турнир во Белград. Пресреќни сме и премногу возбудени. А, да не ви кажувам како им е на децата. Син ми откако му кажав, три пати ми вртеше да ме праша дали е вистина. Им се отвора една прекрасна можност да доживеат и да научат нешто ново, го сакаат ракометот и ова искуство ќе им значи многу“– со солзи во очите раскажува Оливер Стојчевиќ, еден од родителите преку кој е реализирана оваа убава акција.

Во работата со учесниците на кампот во Омиш ќе работат неколку тренери од школата на Барселона и неколку истакнати тренерски имиња меѓу кои и поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван, а дел од кампот ќе бидат и некои од ракометарите на Барселона.

Затворена е конструкцијата, деновиве ќе бидат објавени и имињата на сите што ќе партиципираат во  кампот во тој стручен тренерски дел. Ќе имаме чертворица тренери од Барселона кои што работат во младинските и во кадетските категории во клубот и кои што имаат искуство во работа со децата, по целосна програма на првиот тим на Барселона. Потоа ќе има и други големи тренерски имиња од европскиот ракомет. Наш гостин демонстратор ќе биде Славко Голужа, тука ќе биде и нашиот поранешниот селектор, Ивица Обрван, како и легендата на хрватскиот ракомет Патрик Чавар. Од ракометарите, годинава на кампот ќе бидат Седрик Сорендо и Виран Морос. На кампот ќе присуствува и претставник на една од најголемите менаџерски агенции во Европа кој ќе ги скенира овие млади ракометари. Имаме комплетен тим со психолози, нутриционисти, се за на децата да им се понуди една комплетна програма според стандардите на Барселона. Условите што ги постави Барселона за организирање на овој камп се детални и  треба голема организација. Имаме добар тим и не се сомневам дека се ќе биде беспрекорно“ – информира Борко Ристовски.

Ова е прв камп на ракометната школа на Барселона што се организира надвор од Шпанија. Борко Ристовски има петгодишен договор со лиценца за организирање на кампот.

Се вчитува...