Десетта повреда на „стаклениот“ Дембеле

Проклетството со повредените фудбалери на Барселона по секој одигран натпревар продолжи и по дуелот со Кадиз, откако на болка во мускулот се пожали Осман Дембеле, негова вкупно десетта повреда откако од Борусија Дортмунд пристигна во Барса.

Деталните прегледи покажаа дека станува збор за истегнување на мускулот, па на крилниот офанзивец му беше препорачано целосно мирување во следните десет дена, а својот камбек на терените би можел да го има најмалку за две седмици. Ова значи дека Дембеле ќе го пропушти последниот меч од групната фаза во ЛШ против Јувентус, како и следните две средби од Ла Лига против екипите на Леванте и Реал Сосиедад.

Францускиот интернационалец со право важи за најголемо трансфер-промашување на Барса, поголемо и од Кутињо и од Гризман, најмногу поради честите повреди. Откако стигна на „Камп Ноу“ во август 2017 година тој паузирал вкупно 512 дена.

Се вчитува...