Џејми Варди повторно ќе игра во англискиот фудбал. Искусниот 39-годишен напаѓач официјално потпиша за Барнли, со кој потпиша договор до крајот на сезоната.
Варди на „Турф Мур“ пристигнува како слободен фудбалер, откако летово му заврши договорот со италијанскиот Кремонезе. Минатата сезона тој настапуваше во Серија А и постигна седум голови, но клубот не успеа да обезбеди опстанок во елитата.
Со трансферот во Барнли, Варди се враќа во Англија само една година по заминувањето од Лестер, каде што помина неверојатни 13 години. Токму со „лисиците“ ја освои Премиер-лигата во историската сезона 2015/16, а со своите настапи и голови стана една од најпрепознатливите фигури во англискиот фудбал.
Пред да се договори со Барнли, Варди беше поврзуван и со неколку други англиски клубови, но на крајот изборот падна на тимот кој моментално се натпреварува во вториот ранг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
