Ремонтот во средниот ред на Ливерпул продолжува со второто големо засилување на „црвените“, кои попладнево го комплетираа трансферот на Доминик Собослаи, унгарскиот репрезентативец од таборот на Лајпциг. Собослаи имаше клаузула за раскин на договорот со Лајпциг за 70 милиони евра што истекуваше вечерва, што беше причина Ливерпул да ги интензивира преговорите во изминатите 24 часа.
Откако беше постигнат договор околу динамиката на исплатата на сумата, „црвените“ и официјално ја активираа клаузулата, што им овозможува да го потпишат Собослаи пред истекот на клаузулата. Фудбалерот веќе ги имаше договорено личните услови, па експресно ќе потпише договор со важност до 2028 година и ќе му се стави на располагање на Јирген Клоп од првиот ден на подготовките за новата сезона. Тој е второ големо засилување на Ливерпул за средниот ред на екипата, откако беше ангажиран и аргентинскиот репрезентативец Мекалистер од таборот на Брајтон.
Ливерпул и Лајпциг утрово постигнаа договор за уште еден трансфер, откако „црвените“ дадоа зелено светло за младиот Карвалјо да замине на едногодишна позајмица во германскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА