Џеко ја одведе Рома во четврт-финале

Рома успеа да стигне до пласман во четврт-финалето од Лигата на шампионите откако „волчицата“ дојде до минимална победа од 1-0 над Шахтјор, доволна за да се елиминира украинскиот првак со голот постигнат на гостински терен (првиот меч заврши 2-1). Един Џеко беше херојот на римскиот клуб, постигнувајќи го решавачкиот погодок на стартот од второто полувреме, за еуфорија на „Олимпико“.

Првото полувреме донесе здодевен фудбал, издание во кое и двата тима многу повеќее мислеа на сочувување на сопствената мрежа отколку на загрозување на противничкиот гол. Најубавата шанса за гол ја имаа гостите преку Фереира, кој му украде една топка на Фацио на триесетина метри од голот, влезе во шеснаесетникот, но не се снајде најдобро шутирајќи далеку крај голот.

Клучниот момент се случи во 52. минута, кога домаќините одлично одиграа една акција, Стротман го проигра Џеко зад одбраната на Шахтјор, а босанскиот ас во манир на голем стрелец низ нозете на голманот ја смести топката во мрежата.

Украинците се обидоа да сторат нешто повеќе, но Рома одлично се бранеше, не дозволувајќи им да тргнат во целосна офанзива. Шахтјор го заврши натпреварот со десет фудбалери по исклучувањето на дефанзивецот Ордец, а за немоќта на гостите најдобар доказ е фактот дека за 90 минути игра не упатија ниту еден удар во рамките на голот на Алисон Бекер. На крајот, „волчицата“ сосема заслужено се најде во четврт-финалето, каде римскиот клуб дефинитивно ќе биде еден од најпосакуваните ривали на претстојната ждрепка.

Се вчитува...