Џенова се откажа од Несторовски

Илија Несторовски нема да ја продолжи својата кариера во Џенова како клупски соиграч на Горан Пандев откако овој клуб реши да ги прекине преговорите со Палермо за ангажманот на македонскиот голгетер.

Џенова ја прифати понудата на Милан за Пјатек и веќе интензивно бара нов напаѓач, а Несторовски повторно беше споменуван како сериозна опција за овој клуб. Сепак, последните информации говорат дека претседателот Пречиози решил воопшто да не испраќа официјална понуда за Македонецот, насочувајќи го вниманието кон останатите играчи на листата со желби.

На врвот на таа листа се наоѓа 22-годишниот Антонио Санабрија, парагвајски интернационалец од редовите на Бетис. Разговорите со шпанскиот клуб се веќе стартувани, а доколку не биде постигнат договор се очекува офанзива по Марко Пјаца, членот на Јувентус кој е достапен на позајмица до крајот на сезонава.

Што се однесува до Несторовски, во моментов најголеми се шансите тој да остане на Сицилија и да му помогне на Палермо да се врати во „Серија А“, по што во текот на летниот преоден рок би си заминал од оваа екипа.

Се вчитува...