Џикиќ се врати назад во Будуќност

Александар Џикиќ повторно го презема кормилото на Будуќност откако денеска потпиша двогодишен договор со црногорскиот првак. „Сино-белите“ од Подгорица беа во потрага по нов тренер откако Дејан Милојевиќ го напушти клубот за да стане дел од стручниот штаб на Голден Стејт вориорс, а изборот падна врз Џикиќ, кој го оствари најголемиот успех на Будуќност во изминатите десетина години откако со овој клуб стигна до титулата во АБА-лигата во 2018 година.

Поранешниот македонски селектор по неуспешниот старт во Евролигата доби отказ наредната сезона, но поврзаноста меѓу него, управата и навивачите беше причина Џикиќ да биде „прв пик“ на раководството на клубот веднаш штом беше официјализирано заминувањето на Милојевиќ.

„Александар Џикиќ е нов тренер на Будуќност. Тој ја одбележа нашата најславна сезона, кога под негово водство ја покоривме АБА-лигата. Создаде една компактна, воинствена, фајтерска екипа која подеднакво се бореше и на домашен терен и на гостувањата. Под негово водство го поставивме рекордот на Евролигата по бројот на погодени тројки на еден натпревар. Цел град веднаш го засака кога го зеде микрофонот и се развика: Ова не е театар во преполната „Морача. Со него одиме по нови победи“, се вели во соопштението на Будуќност.

Се вчитува...