Џокер-засилување за Атлетико: Кондогбија е наследникот на Парти

Преодниот рок во Шпанија заврши на 5 октомври, но Атлетико Мадрид денеска ќе го комплетира трансферот на Џефри Кондогбија од Валенсија, кој како „џокер-засилување“ ќе му се приклучи веднаш на тимот на Диего Симеоне. Имено, Атлетико има право на нов трансфер бидејќи во последниот ден од преодниот рок Томас Парти си замина од Мадрид во Арсенал со активирање на клаузулата за раскин, оставајќи го клубот без можност да донесе адекватна замена.

Ла Лига поради ваквиот невообичаен случај реши да му даде на мадридскиот клуб продолжен преоден рок од уште еден месец, период во кој Атлетико може да купи само еден фудбалер кој би го заменил Парти и да биде пријавен за Ла Лига на местото на овој играч. Изборот на крајот падна врз Кондогбија, откако Атлетико реши да ја искористи огромната финансиска криза на Валенсија, поради која „лилјаците“ во текот на преодниот рок распродадоа половина екипа без притоа да донесат адекватни замени.

Двата клуба постигнаа целосен договор, Атлетико ќе плати 11 милиони евра, плус 10% од следниот трансфер на Кондогбија. Фудбалерот денеска ќе ги мине лекарските прегледи, по што ќе потпише договор и веќе за следниот натпревар од Ла Лига ќе му се стави на располагање на тренерот Симеоне.

Се вчитува...