„Џокерите“ на Македонија – Филип Кузмановски и Жарко Пешевски

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Македонија е редовен учесник на големите ракометни натпреварувања, а тактиката горе-долу речиси секогаш иста,

Имавме селектор „клајте голои“ како Шундо, преку дисциплината на која инсистираше Обрван, до „седум на шест“ на Червар, за неколкуте варијации на овие теми под водство на „Ел Команданте“. Суштината е секогаш иста, прва опција е Кире Лазаров, тој маестрално знае да ја спушти топката до Столе Стоилов, или да одигра на крило, до Георгиевски, или пак преку цела зона до Манасков.

Само што сега проблемот е што го нема Миркуловски да тргне со „глава во ѕид“, да даде гол, да изнуди пенал и исклучување, во дефанзива не може да се смета на „командантот Јоноски“… јасно е дека се неопходни некои нови тактички решенија и играчи кои ќе преземат поголем дел од одговорноста.

ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ

Фактот дека вчера и официјално го потпиша договорот со Магдебург е само мотив плус за Кузмановски токму во земјата каде ќе ја продолжи својата кариера да блесне на најголемата сцена. Општ впечаток е дека Кузмановски никогаш не бил подобро подготвен на физички план, средниот бек игра на високо ниво и во напад и во одбрана, а на дуелот со Србија покажа дека може да биде достојна замена за Миркуловски. Секако, тоа беа пријателски натпревари, а на самиот битолчанец му е јасно дека задачата ќе биде уште потешка кога ќе почне Мундијалот.

ЖАРКО ПЕШЕВСКИ

Стоилов останува прва опција на позицијата пивот, но едно од тактичките оружја на Раул ќе биде и играта „седум на шест“, а во неа значајна улога ќе има токму Пешевски. Со двете одлични партии на контролите со Србија тој покажа дека се наоѓа во топ-форма, максимално користејќи го фактот дека противничките ракометари фокусот на линијата го имаат ставено на запирање на Стоилов.

МЛАДИТЕ РАКОМЕТАРИ

Со посериозна смена на генерации се почна токму од овој шампионат, но не е за очекување помладите ракометари да добијат сериозна минутажа. Фокусот ќе биде на оние играчи кои и досега беа дел од националниот тим, Талески и Кузмановски со поголема улога од претходно. Дел од помладите би можеле да добијат шанса на првите средби со Јапонија и со Бахреин, особено доколку се стигне до посолидна предност во текот на натпреварот, но во секој случај самото присуство на едно големо натпреварување ќе биде доволно искуство за нив, во пресрет на репрезентативните предизвици што ќе ги очекуваат во иднина.

Се вчитува...