Во најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ гостин е поранешниот македонски селектор Мирсад Јонуз, долгогодишен фудбалски работник, член на македонските Вардар и Работнички од нивните славни денови, но и на бројни клубови во поранешна Југославија и во Грција.
Меѓу бројните теми се осврнува и на Велшанецот Џон Тошак кој во 2011 година, веднаш после него, дојде селектор на Македонија.
Јонуз открива дека Тошак кој дошол на негово место откако неправедно бил сменет, земал 15.000 евра месечна плата, а преку неговиот менаџер му се јавувал нему да го праша за составот и кој фудбалер да повика.
„Мене не требаше да ме менат, требаше да ме остават селектор уште две-три години да бидам. Јас направив златна генерација… А, после тоа тие го донесоа Џон Тошак, кој Тошак врска немаше со животот. Да ви признаам една работа за Тошак. Менаџерот негов се јавуваше кај мене, бидејќи човекот врска немаше за нашиот фудбал. Тој тогаш беше изгубен, па се јавуваа кај мене, преку менаџерот, да ме прашуваат кој што како да игра и мене ме слушаше три-четири натпревари како треба да играат. После тоа дојде Бабунски и не знам кој после тоа дојдоа“ – вели Јонуз откривајќи ги и платите на селекторите во тој период, нагласувајќи дека него не интересирајќи го финансиите работел за скромни 5.000 како селектор на Македонија.
„Тошак земаше 15.000 евра месечна плата… За ништо. А, сас работев во периодот од 2003 до 2009 година, прво за 500 евра, па за илјада евра и на крај две години за 2.000 евра како селектор на млада репрезентација. Во А-селекција од 2009 до 2011 година имав 5.000 евра плата. Да знаете, тоа е толку. Не кријам. Во Кипар имав 8.000 евра плата, во Катар бев за 12.000 илјади долари, а во албанскиот суперлигаш Влазнија, каде после и Гоце Седлоски беше во Влазнија, имав околу 5.000 евра плата“ – открива Јонуз во „ПРЕСИНГ“.
==========================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО МИРСАД ЈОНУЗ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
