Ди Марија му се нуди на Атлетико Мадрид

Анхел ди Марија е сериозно заинтересиран за преселба во Атлетико Мадрид и веќе го контактирал Диего Симеоне нудејќи му ги своите услуги на аргентинскиот стратег. Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед имаше разочарувачка сезона во ПСЖ, преседувајќи ги на клупата за резерви клучните натпревари на „светците“. Иако во меѓувреме дојде до смена на кормилото на ПСЖ, Ди Марија не сака да остане на „Паркот на принцовите“ и ќе настојува да му биде дозволено да ги промени клупските бои.

Според Ди Марија, Атлетико Мадрид би бил идеален клуб за него и затоа отворено му се понудил на Симеоне дека е заинтересиран за трансфер во актуелниот освојувач на Лигата на Европа. Раководството на Атлетико барем засега не подготвува понуда за овој 30-годишен ас, но ситуацијата би можела да се промени доколку Симеоне оцени дека Ди Марија би можел да му помогне во битката со Реал и со Барселона во трката за „Ла Лига“, како и за новиот атак на трофејот во Лигата на шампионите.

Анхел ди Марија ќе настапи за Аргентина на претстојниот мундијал, се надева дека би можел да најде нов клуб во следните петнаесетина дена, но многу поверојатно е дека ќе мора да почека до крајот на СП пред да добие разрешница за својата иднина.

Се вчитува...