Ди Марија поради смртни закани не потпишува за матичниот клуб

Аргентинскиот фудбалер Анхел Ди Марија не сака да потпише договор со матичниот клуб Росарио поради добиени смртни закани.

Тој по триумфот на Копа Америка најави дека сака да се пензионира во родниот град по заминувањето од Бенфика, но веднаш по таа објава почнал да добива пораки со смртни закани.  Првите закани ги добил уште во март додека бил во САД со репрезентацијата, кога неговата сестра добила кутија во која имало свинска глава со куршум во челото.

„Во кутијата имаше и порака дека следната глава во кутијата ќе биде на мојата ќерка Пиа. Тие месеци беа страшни, можевме само да седиме и да плачеме“ – изјави тогаш Ди Марија.

Аргентинските власти информираат дека сето тоа претставува обид за демонстрација на моќ од криминалните организации во Росарио, каде што има зголемување на насилството поврзано со дрога и банди.

Ди Марија во својата кариера има настапувано за Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед а уште има играно и за ПСЖ и Јувентус. За аргентинската селекција има 145 настапи и 31 постигнат гол, освојувајќи ја светската титула во 2022 година, два пехари во Копа Америка во 2021 и 2024 година и олимписко злато во 2008 година.

Се вчитува...