Диата го замолкна Истанбул, „фармацевтите“ ја освоија Москва

Бриж направи огромен чекор напред за „презимување“ во Европа откако стигна до реми од 1-1 на гостувањето против Галатасарај, со што белгискиот вицепрвак остана на третото место во групата. Белгијците се спасија буквално во самиот финиш, откако Диата ги замолкна домашните навивачи, кои предвреме почнаа да ја слават победата на своите миленици.

Турскиот гигант поведе во 11. минута, кога Бујук го најде патот до мрежата на Мињоле, гол што се чинеше решавачки за победникот на овој натпревар се до судиското продолжение. А тогаш Диата прифати една топка крај аут-линијата, си го зголеми аголот и со прецизен удар го матираше одличниот Муслера.

Еуфоричната прослава му донесе на Диата и втор жолт картон, што значеше и исклучување и пропуштање на дуелот со Реал Мадрид во последното коло. Бриж го заврши мечот со девет фудбалери бидејќи заедно со Диата црвен картон доби и Клинтон Мата, но белгискиот тим сепак успеа да го издржи завршниот налет на домаќините и со голем бод се враќа од Истанбул.

Баер Леверкузен му се реваншираше на тимот на Локомотив за поразот во првото коло, славејќи среде Москва со 0-2. Жемалетдинов со несреќен автогол го отвори резултатот во корист на „фармацевтите“, а конечните 0-2 ги постави Свен Бендер.

Се вчитува...