Дибала е спасителот на „старата дама“, Мбапе и Стерлинг со хет-трик за по едно полувреме

Јувентус се соочи со неочекувани проблеми на дуелот со Локомотив Москва, но „старата дама“ по голема битка успеа да стигне до планираните три бода триумфирајќи со 2-1. Улогата на херој денеска ја немаше Роналдо, туку Пауло Дибала, откако Аргентинецот блесна кога беше најважно, постигнувајќи два гола во последните дваесетина минути, за огромна радост на „црно-белите“ на „Алијанц Арена“ во Торино.

ПСЖ како гостин го декласираше Бриж со 0-5, а белгискиот состав солидно парираше во првиот дел, кој заврши со минимални 0-1, по погодокот на Икарди. Ситуацијата се промени со влегувањето во второто полувреме на Мбапе, кој до крајот на мечот постигна хет-трик и имаше една асистенција (при вториот гол на Икарди).

Реал Мадрид се врати во игра за пласман во следната рунда, откако во третото коло ја забележа првата победа во групната фаза, во Истанбул над Галатасарај со 0-1. Тони Крос беше стрелец на единствениот погодок на овој натпревар.

Манчестер Сити ја декласираше Аталанта со 5-1, а интересно е што гостите го отворија резултатот на „Етихад“. Агуеро со два гола донесе пресврт уште во првото полувреме, за во вториот дел Рахим Стерлинг да постигне хет-трик за нова убедлива победа на „граѓаните“.

Баерн Минхен ја забележа и третата победа во низа, втора на гостински терен, триумфирајќи во Атина над Олимпијакос со 2-3. Грчкиот состав прв поведе, но Левандовски со два гола донесе пресврт, пред Толисо да стави печат на победата. Проблем за Нико Ковач е што повреда заработи уште еден дефанзивец, овојпат Хернандез, кој мораше предвреме да ја заврши денешната средба.

Тотенхем ја декласираше Црвена Звезда со 5-0. Кејн ја најави убедливата победа на „спарси“, потоа два гола постигна Сон, по што печат на триумфот во второто полувреме ставија Ламела и Кејн.

 

Се вчитува...