Дибиров открива: Сите зедовме исписници и си бараме нови клубови

Сергеј Самсоненко го напушта раководењето со Вардар, а со него дефинитивно си заминува и Тимур Дибиров, ракометарот кој беше еден од првите што ги засили „црвено-црните“ по доаѓањето на рускиот газда во клубот. Дибиров, кој со години беше еден од клучните играчи на „вардарци“, во интервју за Руската Ракометна Федерација откри дека сите ракометари на Вардар веќе добиле исписници за заминување од клубот. Ова практично значи дека актуелната управа воопшто не излегува во пресрет на Михајло Михајловски, кој откри дека ги замолил за трпение до 10 мај. Тоа беше рокот до кој поранешниот претседател очекува да состави моќна финансиска конструкција и до кога замоли да не бидат давани документи за ослободување на играчите од обврските кон „црвено-црните“.

„Спортскиот директор на клубот ни соопшти дека по завршувањето на оваа сезона нема да има тим. Ги добивме и документите и сега сме слободни играчи. Слушнавме за тоа барање да се остане мирен до 10 мај, но за нас тоа е само гласина. Единствена официјална информација е онаа од директорот дека повеќе ќе нема клуб, што е доволна порака за нас да си бараме нова работа“ – изјави Дибиров.

Михајловски се надеваше на задржување на костурот на овој тим на Вардар, засилен со неколку македонски репрезентативци. Сепак, по ваквите изјави на Дибиров јасно е дека сегашната управа има сосема поинакви планови, не излегувајќи во пресрет на ваквото барање.

Во меѓувреме, се засилуваат напорите за составување на моќен спонзорски тим од домашни компании што би го преземале раководењето со клубот. За жал, како што стојат работите тоа ќе значи и вртење на целосно нов лист, со тотално променет ростер.

Се вчитува...