Диего Коста оди во Кина, 90 милиони евра за Челси

Диего Коста веднаш по завршувањето на оваа сезона ќе се пресели во Кина, откако веќе потпишал и преддоговор со екипата на Тианјин, каде тренер е Фабио Канаваро, а дресот на овој клуб го носат и Аксел Витсел и Александре Пато. Одличниот голгетер беше поврзуван со кинескиот клуб и во текот на јануарскиот преоден рок, но тогаш трансферот беше блокиран од страна на Антонио Конте, кој не сакаше ни да слушне за разделба со еден од неговите главни адути во трката за титулата.

Во тој период дојде и до конфликт меѓу стратегот и голгетерот, Коста два меча не се најде во составот на Челси, но страстите се смирија откако Бразилецот со шпански пасош се согласи да остане, а италијанскиот стратег му даде збор дека ќе му дозволи трансфер на крајот од сезонава.

Шпанските медиуми тврдат дека сите детали се веќе договорени, а Коста ќе потпише договор за неверојатни 30 милиони евра „нето плата“ годишно. Задоволни од трансферот ќе бидат и Конте и Челси, со оглед на фактот дека италијанскиот стручњак ќе добие на располагање 90 милиони евра од продажбата на Коста за ангажман на нов голгетер, сума со која може да го ангажира Ромелу Лукаку од Евертон.

Се вчитува...