Владо Илиевски ќе остане единствен кандидат што ќе се обиде да го симне Петар Наумоски од функцијата претседател на МКФ откако Даниел Димевски донел одлука да се повлече од оваа трка. Димевски беше најактивен во работата „на терен“ за смена на Наумоски од куќата на кошарката, поранешниот претседател дури и беше присутен на Собранието на кое сепак таа цел не се реализираше, а се очекуваше тој да ја продолжи трката со Илиевски за собирање потписи и кандидатура за повторно владеење со мак-баскетот.
Сепак, ЕКИПА дознава дека Даниел Димевски во последните неколку дена го променил својот став на оваа тема, па тој повеќе не е во комбинација за прв човек на Македонската Кошаркарска Федерација. Причините засега не се обелоденуваат во јавноста, како ни тоа дали гласовите што Димевски ги собираше во изминатиот период ќе му ги „подари“ на Илиевски, за остварување на заедничката цел – пад на Петар Наумоски.
Од друга страна, Владо Илиевски веќе ги собра потписите кои му се доволни за да поднесе барање за свикување на Вонредно Собрание на кое поранешниот репрезентативец ќе му се спротивстави на Петар Наумоски во битката за МКФ. Сепак, тоа собрание најверојатно нема да се одржи пред последната седмица од јануари, откако МКФ објави колективен одмор се до 9 јануари. Ова значи дека Илиевски нема да може да го поднесе барањето до 9 јануари, по што би почнал да тече рокот од 15 дена во кои Наумоски ќе треба да го закаже собранието.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА