Димитриевски: За време на пенали сум многу смирен, тоа ги нервира изведувачите!

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски повторно е херојот на Рајо Ваљекано, овој пат со одбранет пенал во финишот и клучен за гостинската победа од 0-1 на неговиот тим против Ваљадолид.

Очекувано, Димитриевски не го крие задоволството од начинот на кој ја чува мрежата на Рајо Ваљекано, но потенцира дека важни се само победите на тимот.

„Секако среќен сум за одбранетиот пенал, за трите бода и за целиот тим. Ни беше потребно ова. Напорно работевме изминатиот период, а сега и среќата не сака. Мора да кажеме дека и претходно имавме добри партии но среќата како да не не сакаше“ – вели Димитриевски за шпанските медиуми, притоа објаснувајќи од каде неговата посебно нагласена способност да ги брани ударите од белата точка.

„Јас во принцип сум смирена личност. Со сите ситуации се справувам тивко, мирно. Така е и со пеналите. Пред нивното изведување сум сосема мирен, а тоа очигледно изведувачите од спротивната страна ги прави понервозни. Среќен сум што успевам да ги запрам противниците. Но, не го гледам само мојот перформанс. Мојата единствена цел е да му помогнам на тимот да дојде до победата“.

Се вчитува...