Димитријевиќ: Ни самиот не знам како, но најважно е – топката влезе низ обрачот

Ненад Димитријевиќ ја имаше улогата на херој на синоќешниот дуел во Данска, на кој одличниот плејмејкер постигна тројка за паметење од сопствената половина, со која донесе победа од 70-73 на стартот од новиот претквалификациски циклус.

Македонија долго време го контролираше резултатот, Данците се вратија во последната четвртина, но Димитријевиќ беше најдобар кога беше најважно, најпрвин израмни на 70-70, а потоа со тројка донесе огромна радост во нашиот национален тим.

„Не знам како би го опишал. Најважно е дека топката влезе низ обрачот. Како, не знам ни јас самиот. Се обидов, погодив, победивме, тоа останува. Одиме понатаму. Во недела нè чека Словачка, ова го оставаме зад нас“ – истакнува Димитријевиќ.

Плејмејкерот на Уникс го потенцираше одличниот колектив како пресуден фактор за оваа голема победа.

„Одлична тимска работа. Секој даде свој придонес во оваа особено важна победа, која како што реков и порано, е особено значајна затоа што доаѓа на стартот на циклусот, И во тешки моменти, кои ги имавме на овој натпревар, останавме заедно и фокусирани. Знаевме да одговоривме на нивната серија, останавме мирни кога требаше…“, вели Ненад Димитријевиќ.

Се вчитува...