Димитријевиќ: Почетоците секогаш се важни, подготвени сме за Данска

Ненад Димитријевиќ ќе ја има улогата на лидер на македонската репрезентација на првите две претквалификациски средби за Евробаскет 2025, на кои нашиот национален тим најпрвин ќе гостува во Данска, а потоа в недела во Скопје ќе ја пречека Словачка.

Според плејмејкерот, кој неодамна потпиша договор со рускиот гигант Уникс Казањ, македонскиот национален состав е подготвен за предизвиците, во обид да стигне до две победи со кои широко би си ги отворил вратите кон главните квалификации.

„Важен е почетокот и многу ни е важно да почнеме добро. Знаеме дека Данска е сериозен противник, одиме на гости, но мислам дека ќе бидеме подготвени за предизвикот. Имаме една добра група, тренираме заедно и верувам дека ќе се подготвиме добро за предизвиците. Добро сме подготвени за првиот натпревар, и мора да продолжиме по истиот пат. Тоа е, напорно да работиме и треба да имаме целосен фокус на Данска, а дури потоа на сите останати“, изјави Димитријевиќ во пресрет на утрешниот меч со Данците.

Се вчитува...