Димитровски и Петровиќ едногласни: Со помош на битолската публика, Еурофарм Пелистер 2 може да ја мине австриска Алпла

Еурофарм Пелистер 2 викендов на домашен терен ќе ја пречека австриската Алпла Хард во натпревар од 1. коло во второто по ранг европско ракометно натпреварување, Лигата на Европа.

Битолчани за задача ќе имаат да анулираат три гола од првиот меч одигран во австриска. Ракометарот на „пелистерци“ Димитровски вели дека е подготвен да го елиминираат австирскиот тим.

„Очекувам перфектна вечер в недела. Искрено верувам дека ќе ги добиеме со помош на публиката. На наши грешки го загубивме натпреварот во Австрија. Се надевам дека ќе ги поправиме тие грешки, бидејќи добро го анализиравме противникот. Мислам дека ќе победиме со четири или повеќе гола разлика. Мислам дека треба да играме наша игра и да не мислиме многу на противникот“, вели Димитровски.

Слично размислува и неговиот соиграч Павле Петровиќ…

„Првите впечатоци се силни, најмногу заради тоа што мене тоа ми беше прв европски натпревар. Мислам дека можевме многу подобро и загубивме на нашите грешки. Ако секој го даде својот максимум и со помош на публиката можеме да ги победиме. Добро се држевме во одбраната во Австрија, но многу грешевме во нападот и затоа загубивме. Можеме да им парираме и многу подобро ќе биде на реваншот во Битола“, вели Петровиќ. 

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ во Битола ќе се игра во недела со почеток во 19 часот.

Се вчитува...