Динамо Загреб го разреши Бјелица, Адеми добива нов тренер

Динамо Загреб ја официјализираше разделбата со тренерот Ненад Бјелица. Договорот денеска е раскинат откако двете страни имаа заеднички состанок повеќе од три часа.

Судирот меѓу Здравко Мамиќ, шефот на Динамо кој од БиХ управува со клубот, и Бјелица почна по испаѓањето од Лигата на шампионите во последните минути од мечот со Шахтјор, а кулминираше откако Бјелица и фудбалерите одбија намалување на платите поради коронавирусот. Мамиќ неодамна на фејсбук дури и ги објави примањата на Бјелица.

Ненад Бјелица во Динамо пристигна во 2018 година откако претходно ги водеше и Австрија Виена, Специја и Лех Познањ.

„Динамо Загреб и Ненад Бјелица по взаемен договор одлучија да ја прекинат меѓусебната соработка. Клубот му благодари за досегашната соработка и резултатите кои ги оствари со Динамо“ – се вели во краткото соопштение од таборот на „модрите“.

Од Динамо соопштија и дека недоразбирањата околу решавање на ситуацијата со коронавирусот биле клучните за разделбата. Дел од фудбалерите се согласиле на намалување на платите, а со останатиот ќе се разговара деновиве.

Се вчитува...