Динар и Хергеирсон, најдобри ракометни тренери за 2016

Дидие Динар и Торир Хергеирсон се добитници на признанијата за најдобри ракометни тренери за 2016 година, избор во организација на ИХФ. Група од експерти и селектори номинираше по пет стратези за оваа награда во машка и во женска конкуренција, за потоа во гласањето да се вклучат и навивачите.

Како што објави ИХФ, битката била неизвесна до самиот крај во машка конкуренција, каде најсериозни ривали на Динар му беа норвешкиот селектор Кристијан Берге, и словенечкиот кормилар Веселин Вујовиќ. Победата на Динар за најдобар тренер во 2016 е изненадувачка ако се знае дека тоа е година во која младиот француски стратег освои само сребро на ОИ во Рио. Сепак, тој освои најмногу гласови, пред Берге, Вујовиќ и Дагур Сигурдсон, додека стратегот од кого Динар загуби во големото финале во Рио, Гудмундур Гудмундсон, го освои само петтото место во ова рангирање.

Во женска конкуренција, Хергеирсон освои најмногу гласови и од експертите и од фановите, завршувајќи на првото место пред Оливие Крумбхолц од Франција. Ким Расмусен, кој направи чудо со ЧСМ Букурешт во Лигата на шампионите, го освои третото место пред холандскиот селектор Хенк Гронер. И во женска конкуренција селекторот што стигна до олимписко злато, Русинот Евгениј Трефилов, беше избран само на петтата позиција.

Се вчитува...