Дисингер е медицинско чудо, ќе може да игра на Ф4 во Келн?!

Кристијан Дисингер е медицинско чудо откако само еден месец по страшната повреда во финалето од СЕХА-лигата се појави на тренинзите на Вардар, ставајќи до знаење дека ќе стори се за да се стави на располагање на стручниот штаб за претстојниот фајналфор од Лигата на шампионите, што на 1 и 2 јуни ќе се одржи во Келн. Поранешниот ракометар на Кил имаше хорор-повреда пред крајот на полувремето од дуелот со Загреб, се стравуваше од скршеница за потоа да се утврди дека станува збор за изместување на неколку места од раката.

Тогаш никој не ни помислуваше дека левиот бек ќе може да се рехабилитира навреме за Ф4, но како што одминуваше времето, така и Дисингер со својот менталитет и напорна работа ставаше до знаење дека „невозможната мисија“ – негов настап во Келн, сепак може да се реализира.

Тој се уште тренира индивидуално, но во таборот на Вардар се оптимисти дека има доволно време за Германецот да ги мине и последните фази од рехабилитациската програма и да му се стави на располагање на тренерот Парондо. Доколку тоа се случи, Дисингер ќе биде единствениот германски ракометар на Ф4 во Келн, откако ниту една екипа од неговата земја не се пласираше на завршниот турнир, а елиминиран во четвртфиналето беше и Уве Генсхајмер со ПСЖ.

Се вчитува...