До кога ќе тоне македонската атлетика!? Македонија има само еден атлетичар со норма дури и за Балканско првенство!?

Балканската атлетска федерација значително ги заостри нормите за учество на првенствата во младинска конкуренција, поради што значително и се стесна кругот на македонски партиципиенти кои може да бидат присутни дури и на собирот на најдобрите на овие неколку балкански земји. Сето тоа повеќе од доволно зборува на кое дно е македонската атлетика.

Токму од таму добро познати се и постојаните реакции на атлетската опозиција која долги години е незадоволна од срамниот начин на кој се води „кралицата на спортовите“ од страна на актуелните челници на Атлетската федерација на Македонија.

„Трагедијата наречена Атлетска федерација на Македонија продолжува да се движи по надолна траекторија. Дека се нема апсолутно никаква стратегија за атлетичарите сега и дефинитивно се покажува на виделина. Подготовки онака формално „колку да има“ – повеќе седумдневна екскурзија отколку подготовки. Сениорите се пензионираат на 21, 22 години: Како пример само некои како Али Шабани, Сашо Голубиќ, Пепи Јанакиевски, Алек Танески, Славчо Мирчевски…, кои до минатата година имаа по околу 900 бодови по ИААФ таблицата, сега ги нема повеќе никаде на атлетската карта. А, и оние малку кои некако продолжуваат во сениорска конкуренција се оставени сами на свој трошок, затоа што нивните се поголеми побарувања, потребната суплементација, циклуси на подготовки, опрема за тренинг и строгата медицинска контрола не се од интерес на челниците во федерацијата поради трошокот (помалку од колачето за нив ќе има ако купат по три маици за сите)“ – вели во својата реакција до нашата редакција, Кристијан Кајчевски од АК Пролет.

Според Кајчевски, за жал, ништо од сето тоа не ги интересира раководните лица на АФМ кои сега единствено се загрижени што не ќе може да шетаат откако Балканската федерација „им ги врза рацете“.

„За жал ништо од ова сето спомната не ги засега многу, но ‘трагедијата’ за водечките луѓе на Атлетската федерација на Македонија сега е голема единствено затоа што немаат повеќе атлетичари да носат за да се шетаат самите тие. Балканската атлетска федерација им ги ‘врза рацете“ со воведувањето норми за учество. Па, сега Македонија, срамно и жално, не може да одбере ниту двајца атлетичари со норма дури и за Балканско првенство, а не за нешто повеќе!? Пак ли ќе оди Дарио Ивановски (кој е единствен атлетичар со исполнета норма, ако не се смета Стојоски кој тренира во Србија)…?  Со скапани комбиња до Истанбул од кои АФМ кешира во џеб. За ова ли гласаше новиот член на Управен одбор на АФМ? За овие промени? Повеќе од 15 деца се стипендисти на АМС и уште толкав и поголем број се стипендисти во своите општини. А, каде се резултатите? Прави ли некој контрола на тоа како се трошат државните средства и кој тренира а кој не, или се е на „жими мајка“? На последното Балканско младинско првенство во сала кое се одржа пред недела дена само Анеса Хајдари имаше исполнето норма. Каде се сите тие деца од списоците? Ќе одговори, или одговара некој за сето ова!?“ – вели Кајчевски.

Се вчитува...