„Доаѓам во Вардар за да покажам дека сум ракометар од светски калибар“

Матео Фадиј мина четири одлични сезони во дресот на Трембле, одличниот бек имаше понуди од француската лига, но тој изненади многумина со одлуката да го избере токму Вардар за следна дестинација во кариерата.

Овој 24-годишен ракометар стои цврсто зад својата одлука, убеден дека македонскиот првак ќе му даде вистинска можност за блесок на меѓународната сцена, ако се знае дека „вардарци“ од сепември се враќаат назад во Лигата на Шампионите.

„Имам 24 години и мислам дека е вистински момент, понудата од Вардар ја видов како одлична можност. Сакам да се докажам на најголемата сцена, да покажам дека сум ракометар од светски калибар, а овој трансфер ќе ми помогне да го остварам тоа. Настапот во ЛШ секако е огромен мотив, уште повеќе бидејќи за противник го добивме и Нант, екипа во која имам бројни пријатели. Слушнав за навивачите на Вардар и искрено сум мотивиран, јас сум тип на играч кому таквата поддршка многу ќе му значи, ќе ми биде инспирација“, истакна Фадиј во изјава за француските медиуми.

Малкумина знаат дека Фадиј е полубрат на лидерот на ПСЖ и на француската ракометна репрезентација, Елоим Пранди.

„Разговарав со него,ме охрабри и ми кажа да го следам срцето. Ми рече: Ако мислиш дека се е во ред, оди таму и верувај во себе“,открива новиот „вардарец“.

Се вчитува...