Владимир Мирковски е изборот на раководството на Работнички за нов шеф на стручниот штаб почнувајќи од наредната сезона. „Центарци“ беа во избор по нов стратег откако пред самиот крај на сезоната се разделија од Горан Самарџиев, во игра беа неколку тренери, за на крајот изборот да падне врз Мирковски.
Станува збор за млад стратег кој претходно беше и младински селектор на Македонија, а ланската сезона го водеше тимот на Војводина во АБА2 лигата и за малку не успеа да обезбеди пласман во големото финале од регионалното натпреварување.
„Си подадовме рака, постигнавме целосен договор и треба само да потпишеме. Станува збор за соработка на две години, чест ми е што ќе станам шеф на стручниот штаб на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб“, изјави Мирковски за ЕКИПА.
Во следниот период погледите ќе бидат свртени кон пазарот на играчи, се со цел Работнички повторно да има конкурентен тим.
„Планот е да го задржиме костурот на домашни играчи кои беа водечки изминатата сезона, со исклучок на Шошкиќ кој заминува во САД. Планот е да доведеме и неколку младински репрезентативци, да го подмладиме ростерот, па на крајот да доведеме двајца до тројца странци, во зависност од буџетот, но и од тоа во кои натпреварувања ќе учествуваме во наредната сезона“, најавува новиот стратег на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА