Дојде време да се прекине „црната-серија“ на Вардар

Македонскиот ракометен шампион Вардар вечерва ќе го пречека Пик Сегед во натпревар од 8. коло во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ се во серија од четири порази во елитното натпреварување, а лош податок за нив е тоа што во последните четири натпревари против унгарскиот тим забележаа исто толку порази.

„Никогаш не сакам да бидам реален тренер, бидејќи ако сум реален не можеме да направиме добар резултат. Пик Сегед направи проект пред девет години. Ги донесе сите играчи и само два пати беа шампиони на Унгарија и ниту еднаш не беа на Ф4. Михајловски се врати да го спаси клубот, а не како фудбалскиот тим да биде Втора лига и да испадне. Мораме да сфатиме дека ова е нов Вардар и тука сме да создаваме тим. Ние загубивме од големи клубови. Замислете да се во наша група Динамо Букурешт и да изгубиме од нив па ќе ме распнете, на пример во Веспрем е се океј“, вели Вујовиќ. 

Голманот на Вардар, Мартин Томовски размислува слично како и предводникот на „црвено-црните“…

„Имавме шанса да се радуваме на победа и на гости. Сопствените грешки не чинеа пораз. Што се однесува до овој меч, не можеме да бидеме безгрешни, но ќе се обидеме да ги седиме нашите грешки на минимум. Последен натпревар годинава на домашен терен ни е овој меч и се надевам дека ќе стигнеме до победа. Добро се чувствувам во Вардар. Се трудам да го дадам најдоброто пред се за себе, но и за екипата. Едноставно сакам да победуваме и тоа ми дава голем мотив на секој меч“, вели Томовски. 

Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за во 20.45 часот.

Се вчитува...