Дојден и тој ден: Реал претрпе пораз и веднаш се пожали – виновни се судиите

Серијата добри резултати на Реал Мадрид во Ла Лига беше прекината со неочекуваниот пораз во Барселона од Еспањол, а не мина многу време за „кралевите“ да ја лоцираат причината за неуспехот против еден од најслабите тимови во Примера.

Очекувано, проблемот не е во нивните редови, туку во судиите кои според „кралевите“ имале одлуки со кои директно влијаеле врз резултатот.

„Брутален старт врз Килијан Мбапе, од зад грб, директно на нога, без никаква шанса да дојде до контакт со топката. Тоа го направи во 60. минута фудбалерот на Еспањол кој нешто подоцна го постигна победничкиот гол на мечот. Заслужи да добие директен црвен картон, дури и светските медиуми пренесоа дека оваа одлука на главниот судија Алехандро Муњиз Руиз е преблага. Одговорен е и ВАР-судијата Хавиер Иглесијас Вилануева, кој не интервенираше за да ја исправи оваа очигледна погрешна одлука“, се вели во отвореното писмо на шпанскиот првак до првиот човек на Шпанската Фудбалска Федерација, Рафаел Лозано.

Потоа, гигантот од Мадрид се осврнува на ситуацијата во првото полувреме кога Мбапе беше влечен од еден домашен фудбалер, на крајот ги загуби нервите и го турна силно на земја, само една до две секунди пред Винисиус да постигне гол што не беше признат.

„Во 21. минута од првото полувреме Винисиус даде валиден гол, што беше поништен поради наводен претходен фаул од Килијан Мбапе. Снимките јасно покажуваат дека во тој момент имаше очигледно влечење и прекршок над Мбапе за пенал. Сепак, судијата реши да го поништи голот, но наместо пенал за нас досуди прекршок за противникот, а ВАР и овојпат не интервенираше за да ја исправи грешката“, додаваат „кралевите“ во своето соопштение.

Се вчитува...