Докузовски: Заслужена победа по голема битка

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, изрази задоволство што неговиот тим ја продолжи победничката серија и на дуелот со Блокотехна, станувајќи прв тим што успева да триумфира во Гевгелија над амбициозниот прволигаш.

„Сметам дека ова е заслужена победа за нас по една голема битка. Одигравме квалитетно во одбраната, знаевме како да ги неутрализираме нападите на противникот, кој вообичаено многу лесно ја надминува  границата од 80 постигнати поени. Го контролиравме резултатот во поголемиот дел од средбата, пред крајот загубивме здив по петте лични грешки на Николовски и на Крстевски, но сепак во клучните моменти бевме доволно смирени за да стигнеме до посакуваниот резултат. Никој досега ја нема победено Блокотехна на гостински терен, тоа доволно говори за квалитетот на нашиот противник. Мечот беше исклучително цврст и донесе квалитетна кошарка, каква што доликува на еден дерби натпревар. Победата е значајна за самодовербата, но воглавно гледано свесни сме дека најтешките битки сезонава допрва ќе претстојат. Исто така, сакам да се заблагодарам на домаќините за одличниот дочек“ – изјави Докузовски по натпреварот.

Се вчитува...